Дописници СДСМ помина, денеска ЛП, а утре ВМРО-ДПМНЕ меѓу охриѓани

СДСМ помина, денеска ЛП, а утре ВМРО-ДПМНЕ меѓу охриѓани

Либералната партија, вечерва во 18 часот ќе има работна средба со членството од општинската организација на партијата во Охрид, а за утре во градот е најавено одржување на трибина на владејачката ВМРО-ДПМНЕ.

Пред два дена „Визијата за Македонија“ на најголемата опозициска партија СДСМ веќе беше меѓу граѓаните на Охрид.

Политичките партии се растрчани на средби со членството и граѓаните, како среде изборна кампања.

На вечерашната средба на Либералната партија ќе се разговара за правците на делување на изборите во 2016 година, за кои либералите се подготвуваат за самостоен настап, а во нивниот фокус, како што велат од партијата, ќе бидат економијата, организирана држава, образованието и младите.

„Иако наредните избори се парламентарни, Либералната партија ги следи специфичните потреби и интереси на граѓаните и бизнисите од охридскиот регион за да ги преточи како решенија во својата изборна програма“, велат од партијата.

Утре, владејачката ВМРО-ДПМНЕ ќе одржи граѓанска трибина, а од партијата ги повикуваат граѓаните на Охрид да земат учество на трибината и со свои предлози и сугестии директно да учествуваат во изработка на идната програма на ВМРО-ДПМНЕ за престојните парламентарни избори.

Според најавите, на трибината ќе присуствува тим од ВМРО-ДПМНЕ и од Владата на Република Македонија.

Предлози и сугестии кои би се нашле во предизборната програма побараа и од СДСМ, кои пред два дена ја презентираат својата „Визија за Македонија“ во Охрид.

„Од граѓаните бараме предлози, сугестии, но и критика на нашата визија. Ве покануваме вашите идеи кои ќе бидат вградени во програмата на СДСМ за наредните парламентарни избори да ги споделите со нас секој ден од 12 до 14 часот на штандот на градскиот плоштад Св. Климент Охридски“, повикаа од СДСМ преку Центарот за комуникации со јавност од Охрид.