Македонија СДСМ нема аргументи зошто треба да се смени уредникот на МТВ, реагираат...

СДСМ нема аргументи зошто треба да се смени уредникот на МТВ, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ

СДСМ во преговорите инсистираше во МТВ тие да предложат свое кадровско решение и ниту една манипулација на Радмила Шекеринска не може да го промени тоа, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференцијата на заменик-претседателката на опозициската партија.

Оттаму велат дека СДСМ и, како што пишува во соопштението, аболираниот криминалец Зоран Заев може да глумат загриженост за независноста на медиумите, но тие се единствената партија која бараше санкции за искажано мислење и став на новинарите и која инсистираше уредникот на информативната редакција на МТВ да биде нивно кадровско решение.

„Никакви консултации со невладините организации под контрола на СДСМ/Сорос нема да ја сменат реалноста. СДСМ/Сорос немаат никакви аргументи зошто треба да биде сменет актуелниот уредник и зошто треба да биде предложено некое партиско решение, освен потребата на аболираниот криминалец Заев да се обиде да инсталира послушници и во медиумите кои не му се под контрола. Граѓаните веќе ги прочитаа сите лаги и манипулации на Заев и на СДСМ. На граѓаните на Република Македонија им е доста од игрите на СДСМ и од одржувањето на состојбата на криза во земјата, поради неспособноста преку програма, идеи и проекти да ја добијат довербата од народот“, се заклучува во соопштението од владејачката партија.