Македонија СДСМ: На Хан мора да му биде јасно дека нема избори без...

СДСМ: На Хан мора да му биде јасно дека нема избори без еднакви можности за партиите

На еврокомесарот за проширување и за соседска политика, Јоханес Хан, мора да му биде јасно дека нема квалитетни избори без еднакви можности за сите политички субјекти рамноправно да учествуваат во изборниот процес и граѓаните слободно да можат да го дадат својот глас, реагираат од СДСМ на изјавата на еврокомесарот за бугарски „Капитал“, во која тој вели дека не е важно дали сите ќе учествуваат на изборите, туку е важно тие да бидат спроведени на фер и демократски начин.

– „Вистината за Македонија“ докажа како ВМРО-ДПМЕ и Груевски организираат избори со криминал и со корупција, преку притисоци, закани, фантомски гласачи, фалсификувани лични карти. И самиот комесар во изјавата потврдува дека дел од обврските не се исполнети. Тоа се токму тие што обезбедуваат фер и демократски избори: прочистен избирачки список (препорака на ОБСЕ/ОДИХР во 2011, 2013 и во 2014 година) и слободни медиуми (според Договорот од Пржино, планирано за август). Без целосна реализација на договореното, нема услови за фер и регуларен предизборен и изборен процес – стои во соопштението на СДСМ.