Главна секција СДСМ: На Груевски не му одговараат фер и демократски избори

СДСМ: На Груевски не му одговараат фер и демократски избори

Никола Груевски се плаши од фер, слободни и демократски избори затоа што ќе ја плати цената што им украде 10 години живот на граѓаните и ќе се соочи со одговорноста за целокупниот криминал на фамилијата, обвинуваат од СДСМ во денешното соопштение.

Од партијата велат дека токму тоа е и причината поради која Груевски не сака прочистен избирачки список и слободни медиуми.

Според СДСМ, непрочистениот избирачки список и медиумскиот мрак, „фамилијата“ би сакала да ги користи за спас на сопствената кожа.

„Затоа Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ не ги исполнија клучните обврски од Договорот од Пржино, не е прочистен избирачкиот список, не е спроведена регулација на медиумите, a не функционира ниту Анкетната комисија за незаконското прислушување. За двете обврски се доцни неколку месеци. За медиумите требаше сè да се заврши на крајот на август минатата 2015 година, а прочистувањето на избирачкиот список е незавршена обврска поради доцнење на изборот на ДИК цели пет месеци. Сите услови во согласност со Договорот од Пржино мора да бидат исполнети и имплементирани за да може граѓаните слободно да ја изразат својата волја. Поради Никола Груевски загрозена е европската иднина на државата. Груевски има проблем со европска Македонија затоа што ЕУ не толерира криминал и корупција. За СДСМ не се прифатливи избори без слободни медиуми и без прочистен избирачки список и на такви избори нема да учествува. Ние ќе продолжиме да се бориме за создавање фер и демократски услови за одржување на изборите со сите демократски средства што ни стојат на располагање. Ќе продолжиме да се бориме за слободна и демократска Македонија. Македонија бара промени и промените ќе се случат на наредните слободни, фер и демократски избори“, пишува во соопштението на СДСМ.