Македонија СДСМ: Груевски ја потврди автентичноста на снимките

СДСМ: Груевски ја потврди автентичноста на снимките

Денеска Никола Груевски уште еднаш ја потврди автентичноста и вистинитоста на аудиодоказите што ги презентира СДСМ во јавноста, реагираат од СДСМ на изјавата на премиерот Груевски во вестите на телевизија „Сител“ .

„Тој потврди дека сè што е објавено на досегашните 30 прес-конференции на СДСМ е целосно точно. Призна дека аудиоснимките ниту се од странски служби, ниту, пак, се лепени, ниту сечени, ниту монтирани, туку се автентични и вистински, снимени од македонската УБК. Катастрофалното, нестручно, непрофесионално и неодговорно водење на случајот „Младенов“ излезе на виделина. Криминалната власт на Груевски ја лажела јавноста, криела клучни информации и не спровела истрага за случајот на Младенов“, пишува во соопштението на СДСМ.

Според опозицијата, Груевски, Јанкулоска и соработниците се последните кои може да спроведат каква било истрага.

„Криминалната банда на власт единствено може да одговара, во согласност со Уставот и законите, за сторените кривични дела за кои постојат непобитни докази“, реагираат од СДСМ.