Главна секција СДСМ: Груевски ги штелува бројките на анкетите

СДСМ: Груевски ги штелува бројките на анкетите

Никола Груевски се обидува да штелува бројки по нарачани анкети од партиските испостави, во зависност од интензитетот на неговиот страв од одговорност, но од вистината бегање нема, велат од СДСМ како реакција на новата анкета на Институтот „Димитрија Чуповски“.

„Ништо не може да му помогне на обвинетиот Никола Груевски, кој на 11 декември ќе ја добие вистинската анкета од граѓаните пред кои ќе мора да одговара. Обвинетиот Никола Груевски се соочи со фактот дека мора да оди на избори на 11 декември и оттаму потекнува новата хаотична анкета на партискиот институт „Димитрија Чуповски“, на кој му излета мнозинското разочарување на граѓаните во економијата“, се вели во соопштението на СДСМ.

Анкетата направена од институтот „Димитрија Чуповски“ покажува дека за ВМРО-ДПМНЕ би гласале 27,6 отсто од граѓаните, за СДСМ 16,1 отсто, за ДУИ 6,3 отсто, а за ДПА 2,9 отсто од граѓаните.