Македонија СДСМ директно ја оштети Македонија за 25 милиони евра, тврдат од ВМРО-ДПМНЕ

СДСМ директно ја оштети Македонија за 25 милиони евра, тврдат од ВМРО-ДПМНЕ

„СДСМ изврши акт на финансиски тероризам со кој ѝ нанесе директна штета на Република Македонија. Со манипулациите и со притисоците до светските финансиски институции за да создаде вештачка паника, СДСМ директно ја оштети Македонија за 25 милиони евра“, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференцијата на претседателот на комисијата за финансии на СДСМ, Кире Наумов.

„Разликата во каматата од првото издавање на еврообврзницата, кое беше одложено поради деструктивното дејствување на Заев и на СДСМ, до второто издавање е директна заслуга само на СДСМ. Поради СДСМ, граѓаните на Република Македонија ќе бидат оштетени за 25 милиони евра, пари кои ќе останеа во државната каса доколку аболираниот криминалец Заев не тргнеше со сите сили да го урива рејтингот на Македонија во светот. Овој срамен, противдржавен чин на СДСМ е уште еден показател дека оваа криминална банда предводена од аболираниот криминалец Зоран Заев се раководи единствено по логиката „Колку полошо за Македонија, толку подобро за СДСМ“. Ова е втор обид за финансиски тероризам на СДСМ во само неколку месеци. Аболираниот криминалец Зоран Заев и неговите послушници неодамна им нанесоа штети во вредност од милиони евра на македонските граѓани преку ширење на лаги од фабриките за афери за наводна девалвација на денарот. СДСМ свесно креираше паника и ги натера граѓаните без постоење на објективни причини да ги повлекуваат заштедите и да изгубат огромни средства на име на камати“, стои во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.

Во соопштението се додава и дека главна цел на, како што велат од владејачкката партија, аболираниот криминалец Зоран Заев и на СДСМ е нарушувањето на финансиската стабилност и финансиските текови во Република Македонија.

„Големиот интерес на пазарот од страна на инвеститорите за еврообврзницата докажа дека никој не верува во лагите на Заев и на СДСМ, кои имаа едниствена цел – да ѝ наштетат на Република Македонија.  Граѓаните тоа добро го знаат и затоа не му дозволуваат на СДСМ да се доближи до власта. Заев и СДСМ ќе одговараат пред народот за сите штети што свесно ѝ ги нанесуваат на државата. Сметката ќе им биде испорачана на изборите“, се заклучува во соопштението.