Дописници СДСМ Битола: Власта вработува наставници со само четири наставни часа

СДСМ Битола: Власта вработува наставници со само четири наставни часа

За само четири наставни часа, власта во Битола дели вработувања на неопределно време во битолските училишта, обвини опозицијата во општинскиот Совет. Според Наташа Петровска, советник на СДСМ, училиштата се преполни со нововработени наставнци кои кусокот од часови го дополнуваат со таканаречни слободни активности.

– Во нашите институции, беа доделувани решенија на неопределено работно време со само четири часа за предавање, а остатокот од работното време е слободна активност. За да добие некој решение за работа на половина работно време, треба да има најмалку 10 часа за предавање во месецот. Покрај ова, власта премина и на други вработувања и почна да вработува економи, архивари, администратори, и тоа не по еден, туку и по двајца до тројца во едно училиште – обвини Петровска.

Советниците од власта, пак, возвратија дека опозицијата, уште не дојдена на власт, прави попис по училиштата, колку се вработени во последните години и на која позиција.

– Ги прашуваат директорите колку вработени има, кој вработен со каков договор, кој наставник колку часови има, колкумина се вработени во стручните служби. Се бележи внимателно секое работни место, како да се прави попис или база на податоци – рече Благој Шаклевски од ВМРО-ДПМНЕ.

Петровска одговори дека опозицијата е повикана да ги дознае сите информации во интерес на граѓаните, па дури и на моменти да дејствува иследнички, а власта ако ги прави работите како што треба, не треба да има страв од ништо.

А.Б.