Македонија СДСМ бара седница на скопскиот совет за загадувањето, Славески бара потписи од...

СДСМ бара седница на скопскиот совет за загадувањето, Славески бара потписи од третина од советниците

Фото: Мета.мк

Иако 12 советници на СДСМ и советниците од ДОМ и ЛДП ја потпишаа иницијативата за одржување вонредна седница на која би требало да се дебатираат предлог-мерки за решавање на проблемот со загадувањето на воздухот во Скопје, според претседателот на Советот на Град Скопје, Трајко Славески не се собрани доволно потписи за свикување на седница.

Советничката група на СДСМ во Советот на Град Скопје вчера достави барање до претседателот на Советот Трајко Славески да закаже вонредна седница со предлози за воведување бесплатен превоз за сите граѓани во Скопје, итна пренамена на пари во буџетот за зголемување на средствата за борба против загадувањето, финансиска помош за училиштата за замена на котлите со кои се греат, подготвување акциски план за чистење на сите депонии, чистење на улиците и јавните површини со помош на цистерни и интензивно постапување на инспекторите во вршењето на својата должност.

Сепак, Славевски кој е од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, вели дека се потребни 15 потписи или една третина од советниците.

„Не може уште да закажам вонредна седница бидејќи не се исполнува условот од 15 потписи. Ако во текот на денот и други советници ја поддржат иницијативата ќе закажам датум за нејзино одржување. Истовремено, барањата на СДСМ ги доставив и до градоначалничката Данела Арсовска која рече дека во текот на денешниот ден ќе се изјасни по нив, но одговор уште немам“, рече Славески.

Координаторката на СДСМ Љубица Јанчева вели дека барањето за вонредна седница  го испратила до сите советнички групи во Советот за да се соберат доволно потписи за да се расправа за проблемот со загадувањето и не знае зошто барањето не е поддржано од други советници.

Од ВМРО-ДПМНЕ во петокот соопштија дека нема потреба да се закажува вонредна седница, „бидејќи СДСМ биле во тајна коалиција со градоначалничката Арсовска и наместо да договараат тендери да воведат мерки против загадувањето“.

Од Зелен хуман град велат дека не се согласуваат со дел од предлог-точките за дневен ред на СДСМ, а мерките кои тие ги предложија како амандмани на расправата за буџетот, не биле прифатени од мнозинството во градскиот совет.