Свет Европа Саркози се соочува со судење за нелегално финансирање на кампањата во 2012...

Саркози се соочува со судење за нелегално финансирање на кампањата во 2012 година

Поранешниот претседател на Франција, Николас Сакрози, треба да седне на обвинитела клупа во судски процес против него за нелегално финансирање на неговата изборна кампања во 2012 година, пренесува „Би-би-си“, повикувајќи се на судски извори.

Саркози се соочува со обвинение дека неговата партија ги фалсификувала сметките за да сокрие 22,5 милиони евра од трошоците за кампањата за претседателските избори во 2012 година.

Поранешниот франциски претседател неколкупати претходно изјави дека, наводно, не знаел за прекумерното трошење.

Тој на претседателските избори во 2012 година загуби од Франсоа Оланд, а неуспешен беше и неговиот обид за влез во изборната трка на претседателските избори што оваа година треба да се одржат во Франција.

Случајот за кој на Саркози му се заканува судење е познат и како афера „Бигмалион“, во чиј центар се тврдењата дека партијата на Саркози, тогаш позната како УМП, соработувала со пријателска компанија за да ги сокрие вистинските трошоци за неговата изборна кампања.

Франција има ограничувања за тоа колку пари смеат да се потрошат за потребите на изборна кампања, поради што фирмата „Бигмалион“ фактурирала средства на име на партијата на Саркози, а не за кампањата, со што ѝ овозможила на УМП да ги зголеми трошоците и да потроши повеќе пари во изборната кампања.

Вработени во „Бигмалион“, како што пренесува „Би-би-си“, признале дека знаеле за измамата, а против неколкумина членови на УМП веќе се поднесени обвиненија.