Македонија САД и ЕУ: Од суштинска важност е Советот на јавни обвинители да...

САД и ЕУ: Од суштинска важност е Советот на јавни обвинители да го именува тимот на Јанева

Амбасадата на Соединетите Американски Држави и Делегацијата на Европската унија во Скопје го поздравуваат досега постигнатиот напредок во однос на спроведувањето на законот за јавниот обвинител за истраги за прислушуваните комуникации, што е клучен сегмент од политичкиот договор.

Тие велат дека позитивни моменти претставуваат брзото именување на Катица Јанева на функцијата јавен обвинител за истражување на прислушуваните комуникации, фактот што таа достави навремен предлог за тим на обвинители до Советот на јавни обвинители, и општи планови за работа, за тимот и за финансиите до Собранието, до Владата и до Советот на јавни обвинители.

„Од суштинска важност е Советот на јавни обвинители да ја изврши својата улога во согласност со законот за водење истраги за прислушуваните комуникации и да го именува тимот на госпоѓа Јанева, за да може нејзиното обвинителство да почне да го извршува својот мандат и своите задачи, независно и без да трпи каков било облик на политички притисок. Делегацијата на Европската унија и Амбасадата на Соединетите Држави се подготвени да помогнат доколку тоа се побара од нив и да обезбедат обука и техничка помош за канцеларијата на јавниот обвинител да води истрага за прислушуваните комуникации“, се вели во заедничкото соопштение.