Свет САД: Чак Хејгел најави засилување на нападите врз ИСИС

САД: Чак Хејгел најави засилување на нападите врз ИСИС

Хејгел оцени дека борбата против ИСИС напредува, но сеуште претстојат долготрајни и тешки судири

Секретарот за одбрана на САД, Чак Хејгел, денеска најави интензивирање на воздушните напади против ИСИС во Ирак.

Хејгел, образложувајќи ја стратегијата на САД во Конгресот, изјави дека ирачките сили се сè поефикасни и дека коалицијата што ја предводат САД, ќе го засили темпото и интензитетот на воздушната кампања против исламските екстремисти.

Тој оцени дека борбата против ИСИС во Ирак и во Сирија напредува, но и дека американскиот народ ќе мора да се подготви за долготрајни и тешки судири, пренесуваат медиумите во САД.

Обраќањето на Хејгел следува еден ден откако претседателот на САД, Барак Обама, побара од Конгресот да одобри нов план, вреден 5,6 милијарди долари, за проширување на американската мисија во Ирак и за испраќање дополнителни 1.500 Американци на терен, како советници на ирачките сили.

Во моментот, во Ирак се разместени 1.400 американски војници.

Конгресот треба дополнително да одлучи дали повторно ќе дозволи обучување и снабдување со оружје на умерените сиријски бунтовници.