Свет Европа Руско ракетирање на украински градови, во Миколаив погоден универзитет, во Одеса рекреативен...

Руско ракетирање на украински градови, во Миколаив погоден универзитет, во Одеса рекреативен центар

Извор на фотографија: Укринформ

Борбите на линиите на фронтот во Украина продолжуваат, заедно со руското ракетирање на населени места кои се под украинска контрола. Најмалку три лица се повредени во ракетирањето на регионот Одеса, при што е уништен рекреативен центар и неколку приватни објекти, јавува Гардијан.

Украинформ пренесува за жестоко гранатирање на пристанишниот град Миколаив, при што со две ракети е погодена универзитетска зграда. Руските сили гаѓале и кон пристаништето во градот, при што е погодена неговата инфраструктура. Од бројните експлозии во текот на ноќта, во Миколаив престанале да работат телефоните за итни случаи, а меѓу цивилните објекти се погодени и станбени згради, но нема информации за повредени и загинати лица.

Во регионот Житомир во централна Украина, руски авион извршил бомбардирање на воен објект, без притоа да има жртви во нападот, пишува Укринформ. 

Гардијан пишува дека Русија вчера признала дека позади најновите напади на окупираниот полуостров Крим стојат саботери. Серија на експлозии се случија на Крим на неколку локации, при што беше уништено воено депо за оружје и трансформаторска станица. Во претходните напади, беше нанесена штета на железнички јазол и воздухопловна база на Крим.

Украинските власти информираат дека руските сили започнале офанзива во Харкивскиот регион во близина на населените места Лебиажне и Базаливка. Борбите во моментов се одвиваат, а украинските власти обвинуваат дека окупаторите се обидуваат и да ја минираат областа, пишува Укринформ. Борбите продолжуваат и во Донецкиот регион, паралелно со континуираното гранатирање на населените места кои се наоѓаат во близина на Бахмут, Краматорск и Словјанск, како и на овие градови.