Свет Европа Руската новинарка што се појави во вести со антивоен транспарент осудена на...

Руската новинарка што се појави во вести со антивоен транспарент осудена на 8,5 години затвор

Пресудата за Овсјаникова, на која ѝ се судеше во отсуство, е дека е виновна за „свесно ширење лажни информации“ за руските вооружени сили

Марина Овсјаникова им ги објаснува на новинарите причините за нејзиниот протест на ТВ во живо Фото: Исечок од видео

Суд во Москва ја осуди на 8,5 години затвор новинарката Марина Овсјаникова, која упадна во вести со транспарент со кој ја осуди војната што Русија ја води во Украина, јави Би-би-си.

Пресудата за 45-годишната Овсјаникова, на која ѝ се судеше во отсуство, е дека е виновна за „свесно ширење лажни информации“ за руските вооружени сили. Новинарката изминатата година заедно со нејзината ќерка избега од домашен притвор и ја напушти Русија.

Овсјаникова е најновото лице во низата од десетици луѓе што добија затворски казни или се парично казнети за „нарушување на угледот“ на руската војска.

Инаку, обвинението по кое е осудена Овсјаникова е поднесено откако таа во јули минатата година, отприлика четири месеци, по руската инвазија на Украина, протестираше во близина на Кремљ, носејќи транспарент со слоган „Путин е убиец. Неговите војници се фашисти“.

Новинарката и уредничка на руската државна телевизија „Канал 1“ првпат протестираше на 14 март 2022 година, кога упадна во студиото среде вести со транспарент на кој пишуваше: „Не за војната, прекинете ја војната, не верувајте во пропагандата, овде ве лажат. Руси против војната“.

Кратко време пред изрекувањето на пресудата, Овсјаникова, за која не се знае каде се наоѓа, во пишана порака нагласи „Се разбира дека не признавам вина“.