Свет Европа Русија времено го забрани извозот на бензин и дизел поради недостиг на...

Русија времено го забрани извозот на бензин и дизел поради недостиг на нивните пумпи

Крахот е особено болен во јужните делови на Русија, каде горивото е клучно за собирање на жетвата. Сериозната криза може да биде непријатна за официјален Кремљ пред претседателските избори што ќе се одржат во март догодина

Фото: Aleksei Malenchik on Unsplash

Поради недостиг на гориво на домашниот пазар, Русија одлучи времено да го запре извозот на бензин и дизел до сите земји во светот, со исклучок на Евроазиската економска унија во која членуваат Белорусија, Казахстан, Ерменија и Киргистан, пренесува Ројтерс.

Руската државна новинска агенција РИА Новости извести дека забраната за извоз на овие нафтени деривати стапува на сила од 21 септември, а руските власти се надеваат дека ваквата времена мерка ќе доведе до намалување на цената на бензините и дизелот во Русија.

Според рускиот заменик-министер за енергетика Павел Сорокин, не е определено до кога ќе трае забраната за извоз и идните активности ќе зависат од заситеноста на пазарот.

„Очекуваме дека пазарот ќе го почувствува ефектот доволно брзо“, рече Сорокин.

Русија во изминативе месеци се соочува со недостаток на бензин и дизел, при што цените на овие горива на големо се зголемија, иако малопродажните цени се ограничени за да бидат во согласност со официјалната инфлација.

Крахот е особено болен во јужните делови на Русија, каде горивото е клучно за собирање на жетвата. Сериозната криза може да биде непријатна за официјален Кремљ пред претседателските избори што ќе се одржат во март догодина.

Руските трговци објаснуваат дека нафтениот пазар е погоден од фактори како одржувањето на рафинериите за нафта, транспортот на горивата со железницата и слабоста на рубљата, што пак го поттикнува извозот на гориво.

Русија веќе го намали извозот на дизел и бензин по морски пат за речиси 30 отсто на околу 1,7 милиони метрички тони во првите 20 дена од септември во споредба со истиот период во август. Во 2022 година Русија извезла 4,817 милиони тони бензин и речиси 35 милиони тони дизел.