Свет Европа Русија ќе се обиде догодина да изврши нова копнена офанзива, тврди Украина

Русија ќе се обиде догодина да изврши нова копнена офанзива, тврди Украина

Извор на фотографија: Укринформ

Украинскиот претседател Володимир Зеленски и водечки официјални лица на земјата предупредуваат дека Русија се подготвува за нова копнена офанзива што би ја спровела догодина, пишува Би-би-си. Југот на Украина, Донбас на исток и главниот град Кијив повторно би можеле да бидат мета на руската офанзива, и тоа веќе на почетокот на 2023 година.

Властите во Украина тврдат дека не треба да има залажување по последните успеси на украинската војска, особено што веќе во февруари догодина Русија околу половина од мобилизираните 300.000 лица ќе ја имаат комплетирано тримесечната воена обука.

Украинскиот министер за одбрана Олексиј Резников во неколку брифинзи за медиумите периодов предупреди дека серијата на руски воени неуспеси на фронтот не ја колеба Русија и таа подготвува план за нова копнена офанзива во Украина.

Западните аналитичари досега објаснуваат дека руската способност да започне нова копнена офанзива е поневеројатна и многу потешко да се случи, особено што официјална Москва и сега се соочува со недостиг на артилериска муниција на фронтот. Сепак, украинските официјални лица не мислат така.

„Кремљ се обидува да пронајде нови можности за како да обезбеди победа“, изјави министерот за одбрана Резников, додавајќи дека Русија планира да изврши дополнителна воена мобилизација на нови руски граѓани.

Прогнозата на украинските власти е дека новата руска офанзива би можела да започне најрано во јануари, но е поверојатно дека ќе се случи претстојнава пролет.

„Русите подготвуваат околу 200.000 нови војници. Немам сомнеж дека имаат некоја друга цел освен да одат на Кијив“, изјави украинскиот генерал Валери Залужни.