Македонија РСЕ: Велешани повторно мамат и заработуваат на Трамп

РСЕ: Велешани повторно мамат и заработуваат на Трамп

Велешани повторно мамат и заработуваат на интернет, со продавање „милионски“ картички кои би добиле на вредност кога Трамп ќе победи, пишува Радио Слободна Европа

Gage Skidmore from Peoria, AZ, United States of America, CC BY-SA 2.0 , via Wikimedia Commons

По големата приказна дека претходните претседателски избори во САД, Доналд Трамп ги добил со помош на велешани, сега, пред новите избори во Америка, велешани повторно мамат и заработуваат на интернет, со продавање „милионски“ картички кои би добиле на вредност кога Трамп ќе победи, пишува Радио Слободна Европа.

Најновата „жртва“ е бабичка од 86-години од САД, Ен Братон, која мислела дека нашла инвестиција во која ќе вложи шест илјади долари и ќе заработи четири милиони. Не ни насетила дека зад огласот за купување „Трамп картички“, поради кој изгубила илјадници долари, можно е да стои група луѓе од малото гратче Велес во Северна Македонија, кој веќе стекна неславна репутација по користењето на името на поранешниот претседател на Америка.

По неколкумесечно истражување и инфилтрација во затворени групи на платформата Телеграм, Радио Слободна Европа (РСЕ) идентификувала 69 луѓе кои создале лажни понуди за продажба на дебитна картичка со ликот на поранешниот американски претседател Доналд Трамп (Trump). Новинарите пронашле и 88 веб-страници кои биле активни во моментот на пишување на истражувањето, преку кои се нудат различни производи на, како што е посочено, „американските патриоти“.