Главна секција Ристова: Допрва следува битка на УКИМ со власта

Ристова: Допрва следува битка на УКИМ со власта

Битката на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ со власта допрва ќе биде офанзивна, вели универзитетската професорка и членка на „Професорски пленум“, Мимоза Ристова, во неделното интервју за „Радио Слободна Европа“.

– Мислам дека следниот потег е кај нас луѓето кои се спротивставуваат на криминални избори во секој облик, дали на државно или на ниво на оваа организација, која е јавна установа. Ние ќе се спротивставиме со тоа што ќе побараме враќање, ресетирање на целата состојба од почеток, затоа што нерегуларностите се од повеќе аспекти – вели Ристова за изборот на нов ректор и за отворањето на нов Универзитет „Дамјан Груев“.

Во однос на поделбата на интелектуалците и на уметниците, кои по долг молк го кренаа својот глас, но и се поделија, Ристова вели дека станува збор за вештачка поделба.

– Едните се вистински интелектуалци, а другите се квази- и уценети интелектуалци. Значи, едните дејствувале во општеството, сме ги следеле и сме ги гледале нивните дејанија со децении наназад, додека другите се новородени. Тие луѓе од ГДОМ и од наменски создадени слични констелации, во стилот на контрадемонстранти и контра-сè, тие луѓе се измислени, тие не биле интелектуалци. Интелектуалци се луѓе кои критикуваат и едни и други и трети. Кауза се мојот ум и моето знаење, ништо друго не признавам – објаснува Ристова.