Македонија Рикер: САД го препознаваат успехот на Договорот од Преспа

Рикер: САД го препознаваат успехот на Договорот од Преспа

Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, денеска се сретна со Филип Рикер, цивилен заменик и политички советник на командантот на Европската команда на Воените сили на САД со кого разменил мислења за актуелните состојби во државата и во регионот.

Димитров му честитал на Рикер за неговото именување на функцијата помошник-државен секретар на САД за европски и евроазиски прашања и му посакал успех во извршувањето на функцијата.

-Вашето именување на оваа исклучително одговорна функција е добра вест за регионот, Европа и за трансатлантската заедница – рече Димитров.

Амбасадорот Рикер упатил честитки за постигнатиот договор со Грција со кој се стави крај на спорот околу името и со кој се отвораат вратите кон заслуженото место на Република Северна Македонија во НАТО.

-Сите во САД се свесни и го препознаваат успехот што го постигнавте со договорот од Преспа – порача Рикер, истакнувајќи дека САД ќе продолжат и натаму активно да го поддржуваат регионот на патот кон интеграциите во ЕУ и НАТО.