Свет Балкан РИК ја потврди победата на Вучиќ во првиот круг

РИК ја потврди победата на Вучиќ во првиот круг

Убедливата победа на актуелниот српски премиер Александар Вучиќ во првиот круг на претседателските избори денеска ја потврди и Републичката изборна комисија, а честитки до Вучиќ стигнаа од ЕУ, САД, Русија и од соседните земји.

Според последните резултати на РИК, на основа на обработени 91,23 отсто од избирачките места, Александар Вучиќ освоил 55,1 отсто од гласовите на излезените избирачи, додека за Саша Јанковиќ гласале 16,27 отсто од избирачите. Третопласираниот Лука Максимовиќ освои 9,44 отсто, Вук Јеремиќ 5,64 отсто, додека лидерот на радикалите, Воислав Шешељ, доби 4,47 отсто од гласовите.

Изборната победа на Вучиќ му ја честитаа лидерите на ЕУ, рускиот претседател Владимир Путин, како и претседателите и премиерите на сите земји од регионот, меѓу кои и македонскиот претседател Ѓорге Иванов.

Невладината организација „Црта“ која ги надгледуваше изборите, соопшти дека изборниот ден поминал во согласност со пропишаните процедури, но дека изборната кампања ја одбележала нерамномерната застапеност на кандидатите во медиумите и дека тоа била функционерска кампања.

Набљудувачката делегација на Парламентарното собрание на Советот на Европа соопшти дека „надзорот на медиумите за време на кампањата бил неефикасен“, како и дека „многу претседателски кандидати укажувале на досега невидено нееднаква медиумска покриеност на изборната кампања во корист на владејачката коалиција“.