Македонија Реновирани сите блокови во домот „Гоце Делчев“, само мензата е стара половина...

Реновирани сите блокови во домот „Гоце Делчев“, само мензата е стара половина век (галерија)

Дел од реновираниот ентериер на студентскиот дом Гоце Делчев | Фото: Арбнора Мемети

Блокот В и Г во студентскиот дом „Гоце Делчев“ се целосно реконструирани и пуштени во употреба. Денеска во посета на реновираните објекти беа техничкиот премиер Оливер Спасовски, заедно со министерот за образование и наука Арбер Адеми и директорот на Државниот студентски центар Дарио Николовски.

– Намерата на оваа Влада е да работи во насока на подобрување на студентскиот стандард. Овие простории кои се ставаат во употреба се направени по сите стандарди, реновирани и опремени се со нова опрема, со што има идеални услови за студентите. Со ова завршува комлетното реновирање на „Гоце Делчев“, дом кој има место за 1.200 станари. Многу време не е вложувано во овој сектор. За прв пат по 16 години е подобрена и храната за студентите. Имаме и мерка оброк за секој студент, односно ќе се издвојуваат по 2.400 денари месечно за секој студент, а ќе се исплаќаат на оператори со храна – рече Спасовски.

Министерот Адеми информираше дека инвестицијата чини 2,7 милиони евра.

– Сега се работи на партерното уредување. Важна ни е функционалноста на студентските и на ученичките домови во целата држава, затоа лани имавме рекордна финансиска поддршка за овие институции, на кои им ги намаливме долговите. Целта ни е да обезбедиме пристојни услови за живот на нашите студенти какви што заслужуваат – рече Адеми.

Пред неколку години беа реновирани блоковите А и Б. Сега останува да се обнови комплетно и студентската менза, која не е реновирана откако е изграден домот во 1970 година.