Македонија Ременски: Обвинението против мене е конструкција без докази

Ременски: Обвинението против мене е конструкција без докази

Пратеничката од СДСМ и поранешен заменик-претседател на Собранието, Фросина Ременски, вели дека за денеска поднесениот обвинителен акт против неа во случајот „Меѓународен сојуз“ дознала од медиумите, а наводите во него ги отфрла како обична конструкција за којашто нема докази.

„Во однос на одлуката на ЈО можам само да искоментирам дека е избрзана одлука и е само уште една потврда за тоа дека конструкции без докази може да станат основи за обвинение. Тоа секако ќе се докаже, но за тоа некој мора да сноси одговорност и можам слободно да кажам дека со овој процес можам слободно да најавам и реформа на ЈО, имајќи предвид дека многу од прашањата допрени во јавноста останаа неодговорени и секако тука не очекувам соработка од останати институции, но очекувам соработка од новиот министер за внатрешни работи, којшто можеби ќе има слух и сенс за одредени прашања којшто не беа отворени во изминатиот период, со тоа да добијат на гласност, а со тоа и опозицијата да покаже дека стои на ставот дека ќе работи професионално и согласно закон“, порача Ременски.

Вели дека доброволно се откажала од партискиот ангажман и не учествува во никакви партиски активности.

„Очигледно дека тоа им беше и целта“, посочува Ременски.