Свет Балкан Рекорден број набљудувачи на изборите во Србија в недела

Рекорден број набљудувачи на изборите во Србија в недела

Во поглед на парламентарните избори, проекциите се дека Српската напредна партија (СНС) на претседателот Александар Вучиќ во парламентот нема да има мнозинство, заедно со долгогодишниот коалициски партнер Социјалистичка партија на Србија (СПС)

Српското собрание во Белград; Фото: Архива на Мета.мк

На вкупно 8.273 избирачки места за парламентарните и локалните избори во Србија в недела, ќе има рекорден број набљудувачи, односно контролори – 5.587 домашни и странски набљудувачи, соопшти претседателот на Републичката изборна комисија, Владимир Димитријевиќ, пренесува српската телевизија „Нова“.

Друга интересна новост за изборите е што граѓаните ќе може во живо на веб-страницата на РИК во реално време да го следат броењето на гласовите и резултатите.

Инаку, во првата минута по полноќ, во Србија настапи изборниот молк.

Според една анкета, опозициската коалиција „Србија против насилството“ (СПН), има големи шанси да победи на локалните избори во Белград.

Инаку, во поглед на парламентарните избори, проекциите се дека Српската напредна партија (СНС) на претседателот Александар Вучиќ во парламентот нема да има мнозинство, заедно со долгогодишниот коалициски партнер Социјалистичка партија на Србија (СПС). Ваквите прогнози ги дава Организација за фер избори и демократија (ОФИД), која спровела телефонска анкета од 3 до 10 декември, со 1.200 испитаници од Белград и други 1.200 испитаници од остатокот на земјата.

Според прогнозата, доколку на парламентарните избори излезат 3.600.000 гласачи, застапеноста во парламентот би била следната: СНС 38,7 отсто, СПН 27,1 отсто, СПС 8,9 отсто, Двери-Заветници 6,1 отсто, Демократска партија на Србија 5,3 отсто, Ние-Глас од народот 2,8 отсто, Добро утро Србијо 2,4, Српска радикална партија 1,7 отсто, Сојуз на војводинските Унгарци 1,6 отсто, а на останатите отпаѓаат 5,4 отсто.

Истражувањето покажало и дека околу 400.000 луѓе се двоумат дали да гласаат, а две третини од нив се незадоволни од власта.