Главна секција Регистрирани 120 новозаразени пациенти со ковид-19 во последните 24 часа

Регистрирани 120 новозаразени пациенти со ковид-19 во последните 24 часа

Клиника за инфективни болести и фебрилни состојби - Скопје | Фото: Арбнора Мехмети, Мета.мк

Во последните 24 часа се направени 953 тестирања за ковид-19, а регистрирани се рекордни 120 нови случаи. По бројката која ја имавме пред повеќе од еден месец (16 април), кога бројот за едно деноноќие беше 107 пациенти, ова е највисоката бројка регистрирана досега. Како што информираат од Министерството за здравство, во последното деноноќие како последица од болеста починале двајца пациенти.

„Во Скопје се регирстрирани 67 новозаразени, во Куманово 19, во Штип 16, во Тетово деветмина пациенти. На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби почина 65 годишна пациентка, примена на 28 мај, во ГОБ „8 Септември“ почина пациент на возраст од 69 години, хоспитализиран на 1 јуни. Денеска Институтот за јавно здравје регистрира 16 оздравени пациенти“, стои во соопштението на Министерството за здравство.

Оттаму информираат дека досега во земјата се направени вкупно 33.114 тестирања на ковид-19. Од вкупниот број направени тестови во изминатото деноноќие, два тестови се во рамките на скринингот во градинки во Штип, нема позитивен резултат на ковид.

Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 2.611, бројката на оздравени пациенти е 1.621, на починати е 147, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 843.

Од вечерва на сила стапуваат новите мерки кои синоќа беа најавени. За да се спречи ширењето на вирусот во критичните региони, Владата донесе одлука за забрана на движење на сите граѓани на Скопје, Куманово, Липково, Штип, Тетово, почнувајќи од вечерва од 21 до понеделник до 5 часот наутро. Министерот за здравство Венко Филипче синоќа кажа дека има обврска како министер да го заштити јавното здравје.

– Верувам дека сите вие кои ги почитувавте мерките, за што ви благодарам, се чувствувате обесправени. Но, имам обврска како министер да го заштитам јавното здравје. Тоа ќе го правиме додека не излеземе како победници од сето ова. Ако било кога во историјата на земјата било потребно единство, тоа е сега. Ако сите се заложиме и секој со своето влијание се бори, ќе успееме многу брзо да го надминеме и овој втор бран – рече тој.