Дописници Редарските служби во Охрид се засилија по масовното труење на кучиња

Редарските служби во Охрид се засилија по масовното труење на кучиња

Општина Охрид ги осудува поединечните случаи на труења на кучиња скитници по охридските улици кои беа евидентирани во текот на изминатиот период.

Од таму до несовесните граѓани апелираат да не ги повторуваат ваквите постапки со што ќе придонесат за хуман теретман кон овие животни. За таа цел Општината ќе ги засили редарските служби кои е планирано да работат во три смени, во текот на летниот период.

„Локалната самоуправа во соработка со ЈП „Охридски Комуналец“ до сега презеде низа конкретни мерки за решавање на проблемот со бездомните кучиња согласно сите позитивни законски прописи. Оформена е шинтерска служба во рамки на јавното претпријатие, обезбедени се услови во стационарот во „Муцкер”, набавени се две возила и комплетна опрема за заловување и избрана e фирма која ќе ги дава потребните ветринарни услуги на стационарот“, велат од Општината.

Исто така спроведена е постапка за јавна набавка и потпишан е договор со правно лице за дезинфекција и дератизација на прифатилиштето за кучиња, а спроведена е и соодветна законска постапка за набавка на храна за кучињата. Испратен е допис до Агенцијата за храна и ветеринарство и се очекува добивање на дозвола за работа на прифатилиштето.

Законските норми предвидуваат заловување, стерилизација на бездомните кучиња и нивно враќање на местото каде што биле заловени.