Свет Балкан Реакции на Бугарија по одлуката за „Иван Михајлов“, „Цар Борис III“ и...

Реакции на Бугарија по одлуката за „Иван Михајлов“, „Цар Борис III“ и провалата во КИЦ

Николај Милков, шеф на бугарската дипломатија, смета дека Комисијата за употреба на имиња на личности има за цел само да врши репресија врз бугарските организации

Парламентот на Бугарија и кабинетот на претседателот на Бугарија (десно), во строгиот центар на Софија, Фото: Мета.мк, 17 јуни 2021

Официјална Софија денеска жестоко реагира по вчерашната забрана на Бугарскиот културен центар „Иван Михајлов“ од Битола, но и на истиот таков во Охрид – „Цар Борис III“, чие барање за регистрација не беше прифатено токму поради тоа што не е сменето името.

Техничкиот министер за надворешни работи на Бугарија, Николај Милков го смета за тенденциозно решението на македонските власти да им се забрани „само на две бугарски здруженија да ги користат имињата избрани од нивните основачи“. Тој е зачуден зошто на Македонија ѝ пречи името на Ванчо Михајлов. Со слична реторика се огласи и портпаролот на бугарското Министерство за надворешни работи (МНР). Со негативен тон за земјава зборуваше и бугарската потпретседателка, Илијана Јотова.

Инаку, двете здруженија ќе бидат избришани од централниот регистар оти не се усогласени со измените на Законот за здруженија и фондации и Законот за политички партии кои беа изгласани во Собранието на 2 ноември минатата година. Со нив на политичките партии и невладините организации им се забранува да користат контроверзни: име, презиме, псевдоним, прекар, кратенка или иницијали на личност.

„Министерот за правда Кренар Лога го потпиша Решението со кое барањето за добивање на одобрение за користење на името „Иван Михајлов” во називот на употреба на Здружението Културен Центар Иван Михајлов-Битола се одбива како неосновано. Министерот Лога го потпиша решението имајќи го предвид негативното мислење на Комисијата за употреба на имиња на личности… дека именувањето на какво било здружение на граѓани со името Иван (Ванчо) Михајлов претставува навреда и провокација на националните чувства на македонскиот народ со оглед на неговото јавно и постојано негирање на македонскиот идентитет, јазик и култура. Величењето и славењето на неговиот лик и дело предизвикуваат нетрпеливост, нетолеранција и омраза во македонското општество“, соопшти вчера Министерството за правда.

Николај Милков, шеф на бугарската дипломатија, смета дека Комисијата за употреба на имиња на личности има за цел само да врши репресија врз бугарските организации. Тој го смета за тенденциозно решението „од вкупно 17.000 невладини организации“ да им се забрани само „на две бугарски здруженија да ги користат имињата избрани од нивните основачи“.

„Комисијата е тенденциозно составена и нејзината цел е фактички да ги репресира бугарските организации. Друга е темата зошто и како име за пример како Иван Михајлов е неприфатливо во Република Северна Македонија. Па тој е деец на ВМРО, тој се борел за слободата на Македонија“, вели Милков, пренесува Бугарското национално радио (БНР).

Тој рече дека Бугарија ќе реагира кај европските партнери поради забраната и поради вчерашната провала, што тој ја смета за „напад“ на Културно-информативниот центар (КИЦ) на Бугарија во Скопје.

Слични аргументи изнесе и портпаролот на бугарското МНР, кој појасни дека институцијата „со растечка вознемиреност го следи развојот на настаните во Северна Македонија, поврзани со обидите за ограничување на правото за здружување на Бугарите во земјата“.

„Донесените решенија од властите во Северна Македонија се директно поврзани со степенот на демократизација во земјата. Тие влегуваат во судир со заложбите преземени од Скопје во областа на човековите права и обврската за овозможување на еднакви права и слободи за сите граѓани, вклучително и оние што се самоопределуваат како Бугари“, се вели во реакцијата.

Во неа се повторуваат оценките за тенденциозно постапување кон Бугарите што директно ги искажа и Милков.

Истовремено, бугарската потпретседателка Илијана Јотова смета дека нема ниту еден сигнал дека владата на Северна Македонија сака да го сопре говорот на омраза кон сѐ бугарско во земјата, како и властите во Скопје да преземат конкретни чекори кон т.н. „криминални пројави“, што најмногу асоцира на провалната кражба во бугарскиот КИЦ во Скопје.

„Прифаќањето на Францускиот предлог од страна на Република Северна Македонија беше последниот позитивен чекор од процесот на приклучување на РСМ кон ЕУ. Отсега натаму сите дејствија, според мене, се враќање назад. Историската комисија, заедничката, не работи! Ниту има промена во учебниците, за што настојуваше бугарската страна, ниту за останатите барања на Бугарија, коишто се напишани црно на бело на заедничкиот протокол. Сите настани по тој предлог – од палењето на клубот во Битола, до нападот на бугарската културна институција – тоа е официјална институција на бугарската држава, а е на реципрочен принцип – сите тие дејства од македонските власти се оставени без последици. Нема ниту една казна. Сите осомничени се на слобода“, порача Јотова, пренесува БНР.