Хроника Разбиен канал за шверц на марихуана од Албанија во Македонија

Разбиен канал за шверц на марихуана од Албанија во Македонија

Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при МВР вчера во организирана акција разбил меѓународен канал за шверц на марихуана и масло од хашиш од Албанија во Македонија, соопшти денеска Минитерството за внатрешни работи.

Во акцијата биле уапсени четири лица, меѓу нив и организаторот на групата и биле извршени претреси на повеќе локации во Битола и во Кочани.

Според МВР, организатор на мрежата препродавачи и посредници бил 47-годишниот Б.В., македонски државјанин, кој оперирал од Корча, Албанија. Тој бил уапсен вчера на граничниот премин „Табановце“ на излез од земјава.

Тој, дрогата со потекло од Албанија, преку илегални премини ја префрлал во Македонија, каде од страна на негови соработници од Битола била препродавана на лица од земјава за цена од 2.000 – 2.500 евра за еден килограм марихуана и 30 – 40 евра за еден милилитар масло од хашиш.

Полициски екипи, кон крајот на минатата година, во два одделени случаи заплениле околу 3 килограми марихуана и помало количество на масло од хашиш, што лица од Кочани, Битола и Скопје ја набавиле од соработникот на Б.В., 32-годишниот битолчанец В.Р.

Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал до Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција поднел кривична пријава против Б.В., битолчанецот В.Р. и против неговиот брат Љ.Р.(36), кои се товарат за неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори. Против Љ.Р. е поднесена пријава и за кривичното дело недозволено држење на оружје или распрскувачки материи, додека неговата 33-годишна сопруга К.К.Р. и кочанчанецот Д.К. се товарат за кривично дело помагање.