Македонија Работната група за уставни измени расправаше по Деловникот, ќе се гласа идниот...

Работната група за уставни измени расправаше по Деловникот, ќе се гласа идниот петок

Во однос на изјавите од Владата дека до крајот на мај очекуваат да биде познат текстот на уставните амандмани, Маргарита Цаца Николовска рече дека не би шпекулирала со временските рамки

Фото: Министерство за правда

Работната група за подготвување на предлог иницијативата за потребата од измена на Уставот на денешната седница расправаше за Деловникот и начинот и методологијата на работа, информираше Министерството за правда.

Се очекува Деловникот да се усвои на следната седница која е закажана за петок по што ќе се отпочне со материјална расправа за предлог иницијативата за измена на Уставот.

Истото денеска го потврди и Маргарита Цаца Николовска, претседателка на работната група по завршувањето на седницата. Во однос на изјавите од Влада дека до крајот на мај очекуваат да биде познат текстот на уставните амандмани, таа рече дека не би шпекулирала со време.

„Комисијата е составена од 23 членови, секој ќе сака нешто да каже, има право, нормално. Сето тоа треба да се разгледува, да се сумира и во зависност од сето тоа ќе се движи и драфтирањето на предлог-нацрт амандманите“, изјави Цаца Николовска.

Работната група за уставните измени почна со работа, Цаца Николовска избрана за претседател

Работната група има 23 членови од кои 10 се од редот на експертите, 10 се предлози на политички партии и 3 членови се од институции – Кабинет на претседател на РСМ, Министерство за надворешни работи (МНР) и Секретаријат за европски прашања (СЕП).

Опозициските партии, меѓу кои и најголемата ВМРО-ДПМНЕ, и покрај повиците од власта, одбија да учествуваат во работната група.

Откако ќе се подготват уставните измени, предлогот треба да ги помине сите работни тела во рамките на Собранието. Паралелно, како што најавија од Министерството за правда, ќе се одржуваат и стручни јавни расправи на кои експерти, партии, граѓански организации и други институции ќе може да ги кажат своите ставови.