Подглавна секција Путин најавува дека ќе ги зајакне нуклеарните сили

Путин најавува дека ќе ги зајакне нуклеарните сили

Претседателот на Руската Федерација, Владимир Путин, 22.04.2022 | Фото: Kremlin.ru, CC BY 4.0, Викимедија комонс

Рускиот претседател Владимир Путин кажа дека Русија ќе посвети поголемо внимание на зајакнувањето на своите нуклеарни сили, обраќајќи се на државниот празник Бранител на татковината, ден пред годишнината од почетокот на инвазијата на Украина, пренесува Ројтерс. 

Коментарите на Путин следуваат по неговото суспендирање на билатералниот договор за контрола на нуклеарното оружје со САД.

„Како и досега, ќе посветиме зголемено внимание на зајакнувањето на нашата нуклеарна тријада“, кажа Путин, алудирајќи на копнените, воздушните и поморските проектили.

Путин изјави дека за првпат оваа година ќе бидат распоредени интерконтиненталните балистички ракети „Сармат“ – оружје овозможено да носи повеќе нуклеарни боеви глави.

„Ќе продолжиме со масовно производство на воздушни хиперсонични системи Кинжал и ќе почнеме со снабдување на хиперсонични ракети Циркон, лоцирани на море“, рече Путин во изјавата објавена од Кремљ.

Русија во петок треба да почне воени вежби со Кина во Јужна Африка и испрати воен брод опремен со хиперсонични проектили.

Во пресрет на утрешниот ден, годишнина од инвазијата на Украина, Путин и американскиот претседател Џо Бајден се вклучија во вербални дебати, нагласувајќи ги глобалните тензии меѓу суперсилите.

Путин во вторникот го суспендираше ‘Новиот СТАРТ’ (Договор за намалување на стратешкото оружје) со САД, обвинувајќи ги дека војната, со вооружувањето на Украина, ја претвориле во глобален конфликт.

При ненадејната посета на Киев во понеделникот, Бајден изјави дека САД и нивните сојузници во НАТО ја бранат демократијата и слободата во Украина.