Свет Европа Пуштена од болница Италијанката која во неделата по грешка прими шест дози...

Пуштена од болница Италијанката која во неделата по грешка прими шест дози вакцина против ковид-19

Вакцините Фајзер/Бионтек | Фото: Министерство за здравство 17.02.2021 г.

Италијанката која што по грешка примила шест дози на вакцината против ковид-19 на „Фајзер/Бионтек“ е пуштена од болницата, каде се наоѓаше под целодневен мониторинг за евентуални реакции по направената грешка. 23-годишната жителка на Тоскана во неделата била вакцинирана од медицинска сестра во болницата во Тоскана. Сепак, наместо една доза од вакцината, здравствениот работник и вбризгал цело шише што е еквивалентно на шест дози од вакцината против ковид-19, пренесува Си-ен-ен.

Девојката е во добра здравствена состојба, иако беше задржана под 24-часовен строг мониторинг во болница. И покрај тоа што беше пуштена денеска од болнички третман, лекарите ќе продолжат да го следат имунолошкиот одговор на пациентката која што прими „масивна доза на вакцината“, изјави за Си-ен-ен портпаролот на болницата во Тоскана.

Овој случај на предозирање со вакцината на „Фајзер/Бионтек“ не е прв, бидејќи слични случаи претходно беа пријавени во САД, Австралија, Германија и Израел. Сепак, досегашните испитувања и анализи за предозирање биле направени со ограничување на четири дози од оваа вакцина, така што досега не беше познато како пациенти би можеле да реагираат на шест дози.