Свет Европа Пукање и полициска потера по возило со експлозив во Брисел

Пукање и полициска потера по возило со експлозив во Брисел

Бриселската полиција пукала во возило во квартот Моленбек и повикала единица за деминирање откако возач им соопштил дека во автомобилот има експлозив.

Белгиското федерално обвинителство и локалната полиција засега не се достапни за коментар.

Локалните медиуми јавуваат дека полициската потера по возилото завршила откако возачот заглавил во сообраќајниот метеж во Брисел. Дел од медиумите јавуваат дека станува збор за возило со германски регистарски таблички.

– Го извлековме возачот, а тој веднаш ни рече дека во автомобилот има експлозив – изјавил портпаролот на полицијата за белгиската телевизија „Ер-те-ел“.

Моленбек е сиромашен кварт со голем број жители по потекло од Мароко. Овој дел од Брисел стана озлогласен откако ќелија на Исламска држава со седиште во овој дел на градот ги организираше самоубиствените напади во Париз во ноември 2015 година.

За време на минатогодишните терористички напади во Брисел загинаа 32 лица.