Свет Европа Пучдемон ја потпиша декларацијата за независност на Каталонија, Мадрид најави одговор

Пучдемон ја потпиша декларацијата за независност на Каталонија, Мадрид најави одговор

Претседателот на каталонската регионална влада, Карлес Пучдемон, доцна синоќа ја потпиша декларацијата за прогласување на независност на Каталонија, но го одложи нејзиното стапување на сила.

„Ја создаваме Република Каталонија како независна, суверена, правна, демократска и социјална држава“, се наведува во текстот на декларацијата.

Претставник на каталонската влада, по потпишувањето на декларацијата, изјави дека Пучдемон го одложува нејзиното стапување на сила за да остави простор за дијалог со Мадрид.

Според најавите, Пучдемон ќе ја стави декларацијата на усвојување во каталонскиот парламент, доколку централните власти во Мадрид одбијат дијалог или ако евентуалните преговори не резултираат со договор за надминување на кризата.

Пучдемон синоќа во регионалниот парламент во Барселона рече дека Каталонија ги почитува резултатите од референдумот одржан на 1 октомври, но предложи „суспендирање на прогласувањето независност, за во пракса да се работи на спроведување на резултатите од референдумот“ и ги поздрави повиците за дијалог со Мадрид.

Шпанската влада, во првата реакција на одлуката на Пучдемон, соопшти дека го отфрла „молчеливото“ прогласување на каталонската независност. Во владиното соопштение се наведува дека е неприфатливо да се објави „тивка независност“, а потоа да се суспендира на таков експлицитен начин.

Владата во Мадрид денеска претпладне ќе има состанок, на кој ќе одлучи за одговорот во врска со обраќањето на Пучдемон во каталонскиот парламент.