Економија Првата фаза од изградбата на гасоводот од ТИРЗ Скопје 1 до економска...

Првата фаза од изградбата на гасоводот од ТИРЗ Скопје 1 до економска зона Марино-Кадино е завршена

Извор на фотографија: Влада на РСМ

Oпштина Илинден информира дека веќе е завршена првата фаза од изградбата на гасоводот „Приклучна делница 17б” во должина од 2.400 метри од Технолошко индустриската развојна зона (ТИРЗ) Скопје 1 до локалната економска зона Марино-Кадино.

Од таму додаваат дека интензивно се работи на втората фаза од воспоставувањето гасоводен систем на трасата Марино – Кадино до локалната економска зона Ограѓа, во должина од 3.500 метри.

„Реализацијата на овој проект има за цел воведување на инсталации за стопански објекти во локалните економски зони во Општината со цел да се овозможи користење на гасот како енергетски ресурс,“ рече градоначалникот на Општина Илинден, Жика Стојановски, кој денеска изврши увид врз работните активности.

Тој додаде дека гасификацијата ќе донесе намалување на трошоците за енергија и намалени емисии на штетните гасови во воздухот. Од локалната самоуправа велат дека гасификацијата на општина Илинден е еден од приоритетите во нивното работење.