Ctrl - Z Прва „белодробна“ трка на Балканот зa проблемот со загаденоста на воздухот од...

Прва „белодробна“ трка на Балканот зa проблемот со загаденоста на воздухот од електраните на јаглен

Шеесетина тркачи од 13 земји и три континенти трчаа на првата виртуелна „белодробна трка“, прв настан од ваков вид, каде што тркачите го мерea загадувањето на воздухот од електраните на јаглен на Балканот и пошироко. Од Центарот за истражување и информирање на животната средина „Еко свест“, соопштија дека дел од учесниците во „The Lung Run“ (www.thelung.run) беа опремени со сензори за изложеност на загадување, со цел да соберат информации за ПМ честички во воздухот, испарливи органски соединенија и азотни оксиди предизвикан од издувни гасови испуштени во близина на рудници за јаглен. Надоместокот за учество во трката ќе се искористи за набавка на сензори за загадување во општина Новаци.

Во секоја од 13 земји, учесниците трчаа на одредена локација, во исто време, а потоа снимките од трката заедно со информациите од сензорите, си ги разменија меѓусебно. Во Македонија трката се одржа во близина на РЕК Битола, во Новаци.

„Во близина на Битола се наоѓа една од 16-те електрани на јаглен од Западен Балкан, кои заедно испуштаат исто толку загадување од сулфур диоксид и прашина, колку целата флота на електрани на јаглен во Европската унија. Во 2016 година овие 16 електрани беа одговорни за околу 3.900 случаи на прерана смрт и 8.000 случаи на бронхитис кај деца и други хронични болести“, соопштија од „Еко-свест“.

Потенцираат дека, сериозноста на проблемот не е доволно позната поради недостиг од официјални податоци кои се изработуваат или објавуваат, како и дека владите не ги следат редовно нивоата на загадување, а во случаи кога се прави мониторинг, на јавноста ѝ се даваат малку или воопшто информации.

Според Јоана Чиута, координаторка за енергетика во CEE Bankwatch Network и коорганизатор на трката, изјави дека никаде во светот не е безбедно поради загадување на воздухот, сè додека има енергија произведена од јаглен. Западниот Балкан се истакнува во секое глобално мерење на емисии на прашина и сулфур диоксид, а Србија и Босна и Херцеговина активно се залагаат за повеќе електрани на јаглен.

Давор Пехчевски, координатор за загадување на воздухот на Балканот во CEE Bankwatch Network и коорганизатор на трката изјави: „Да се живее во близина на електрана на јаглен, значи да се живее во загадување. Императив е локалното население да знае точно што дише. Нивно право е да знаат. Потребно е трајно решение за недостигот од информации, поради што ние, од собраните средства од оваа трка, ќе донираме сензори за населението во Општина Новаци“.

Инаку, Според најновата Стратегија за развој на енергетиката до 2040 година, РЕК Битола во следните две децении треба да ја исфрли употребата на јагленот, да ги затвори рудниците на јаглен и да направи целосна транзиција кон обновливи извори на енергија. Процесот е веќе започнат со пренамената на ТЕЦ „Осломеј“ во фитоволтаична централа, а РЕК Битола во своите краткорочни планови, има намера да почне да произведува струја со употреба на гасот како енергенс.