Свет Балкан Протести во Романија поради најавените правосудни закони

Протести во Романија поради најавените правосудни закони

Повеќе од 7.000 граѓани на Романија синоќа излегоа на протест во Букурешт поради намерата на владата да усвои повеќе закони од областа на правосудството.

Опозицијата смета дека законите ќе ги ослабат напорите да се искорени корупцијата.
Демонстрантите се собраа пред зградата на Владата, носејќи романски знамиња и извикувајќи „демократија под опсада“ и дека владејачката Социјалдемократска партија е „црвена чума“.

Романските медиуми наведуваат дека демонстрантите носеле транспаренти на кои било испишано „Сакаме независно правосудство“, „Предвремени избори“, „Што чекате, нова диктатура?“.

Освен во Букурешт, протести се одржале и во осум други романски градови.

Странските амбасадори и ЕУ се противат на носењето на законите затоа што со нив се овозможува кривично осудувано лице да биде избрано за претседател на држава, а министерот за правда да ги именува врховните обвинители.