Свет Европа Протести во Берлин против влегувањето на ултрадесничарската АФД во Бундестагот

Протести во Берлин против влегувањето на ултрадесничарската АФД во Бундестагот

Илјадници демонстранти денеска протестираа во Берлин под паролата „Против омразата и расизмот во Бундестагот“, во пресрет на влегувањето на екстремно десничарската партија Алтернатива за Германија (АФД) во новиот состав на германскиот парламент.

Новоизбраниот германски парламет во вторник, на 24 октомври, ќе ја одржи својата прва седница по парламентарните избори што се одржаа на 24 септември.

АФД, која застапува антиисламска и антиемигрантска политика, на изборите освои 12,6 отсто од гласовите и стана трета по сила партија во земјата.

Влегувањето на АФД во парламентот претставува пресвртница во германската поствоена историја, коментираат дел од агенциите. На претходните избори, во 2013 година, партијата не успеа да го помине цензусот од пет отсто.

„Додека АФД влегува во Бундестагот, првпат на 24 октомври, треба да се знае дека нашиот парламент не е место за расизам, дискриминација и за фалсификување на историјата“, соопшти движењето Компакт, кое беше иницијатор на денешните протести.