Македонија Протести во 13 градови во Грција за „грчкиот карактер на Македонија“

Протести во 13 градови во Грција за „грчкиот карактер на Македонија“

Во 13 градови од северниот дел на Грција в среда, 6 јуни, во 19.30 часот, ќе се одржат 13 паралелни протести за „грчкиот карактер на Македонија“, јави МИА.

Пела, Кавала, Драма, Серес, Кукуш, Поликастро, Воден, Лерин, Костур, Птолемаида, Катерини, Лагадас и туристичкото место Неа Мудања на Халкидики, се местата каде организаторите, „Комитетот за борба за грчкиот карактер на Македонија“, ги повикуваат граѓаните да излезат на собир за да се „спречи криминалот со предавање на името на Македонија на фалсификаторите на историјата“.

„Ако некои во грчкиот Парламент сакаат да ѝ се спротивстават на народната волја не треба да има ни најмал сомнеж дека тие ќе се соочат со народниот бес што не заборава, ниту пак простува. Се бара подготвеност од секој Македонец и од секој Грк и Гркинка, за да ја одбраниме нашата Македонија“, стои во повикот од организаторот „Комитетот за борба за грчкиот карактер на Македонија“, објавен на социјалните мрежи.