Економија Просечната плата во јануари пораснала за 13,2 отсто во споредба со лани

Просечната плата во јануари пораснала за 13,2 отсто во споредба со лани

Највисока просечна нето-плата од 91.259 денари во јануари 2023 година имале програмерите

Фото: Мета.мк

Просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во јануари 2023 година изнесувала 33.943 денари, објави денеска Државниот завод за статистика. Во споредба со идентичниот месец лани, просечната нето-плата во земјава се зголемила за 13,2 отсто.

Ваквото зголемување на нето-платата се должи првенствено на зголемувањето на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во секторите: Транспорт и складирање (23,4 отсто), Градежништво (20,9 отсто) и Информации и комуникации (17,3 отсто).

Намалување на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во јануари 2023 година во однос на претходниот месец, е забележано во секторите: Градежништво (5,1 отсто), Преработувачка индустрија (5 отсто) и Трговија на големо и трговија на мало; поправка на моторни возила и мотоцикли (3,5 отсто).

Како и во сиот изминат период, највисока просечна нето-плата од 91.259 денари во јануари 2023 година имале програмерите, односно дејноста Компјутерско програмирање, консултантски и сродни дејности. Наспроти нив, убедливо најниска нето-плата од 19.099 денари имало кај заштитните и истражните дејности.

Просечната месечна исплатена бруто-плата по вработен во јануари 2023 година изнесувала 50.837 денари и истата е зголемена за 13,6 отсто во однос на истиот период лани.