Економија Просечната нето-плата во земјава зголемена за 6,8 отсто во февруари

Просечната нето-плата во земјава зголемена за 6,8 отсто во февруари

фото: Порталб.мк

Просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во февруари 2022 година во земјава, изнесувала 29.839 денари. Според податоците на Државниот завод за статистика, индексот на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во февруари 2022 година, во однос на февруари 2021 година, изнесува 106,8.

Ваквото зголемување на просечната нето-плата се должи, пред сѐ, на зголемувањето на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во секторите: Други услужни дејности (13,2 отсто), Објекти за сместување и сервисни дејности со храна (13,1 отсто) и Стручни, научни и технички дејности (11,6 отсто).

Намалување на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во однос на претходниот месец, е забележано во секторите: Рударство и вадење на камен (7,5 отсто), Земјоделство, шумарство и рибарство (5,9 отсто) и Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација (5,3 отсто).

Просечната месечна исплатена бруто-плата по вработен, во февруари 2022 година, изнесувала 44.531 денар.