Главна секција Пропаднатите гласови се трета политичка сила во Македонија!

Пропаднатите гласови се трета политичка сила во Македонија!

Според преброените 99,72 отсто од гласачките ливчиња, официјалните податоци на Државната изборна комисија велат дека од вкупно 1.189.481 избирачи кои гласале, 37.812 гласачки ливчиња биле неважечки.

Бројот на неважечките гласачките ливчиња е поголем од бројот на гласовите што ги добија седум од единаесетте коалиции што учествуваа на изборите.

Најмногу гласови освои ВМРО-ДПМНЕ, потоа СДСМ, ДУИ и Беса, а зад нив, според бројот на гласачки ливчиња, се тие што не се важечки.

Бројот на неважечките ливчиња и бројот на гласовите што ги добија партиите кои нема да освојат ниту еден пратенички мандат е речиси 100.000.

Коалицијата за промени и правда освои 10.083 гласа, ПДП – 1.142, Либерална партија – 3.840, ВМРО за Македонија – 24.449 и Левица – 12.119. Распределени по изборни единици, ниту една од овие коалиции нема доволен број гласови за да освои пратенички мандат.

Вкупниот број на гласови на овие вонпарламентарни партии изнесува 51.633 гласа, односно трипати повеќе од разликата што ја имаат двете најголеми партии, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, а тоа се 16.240 гласови.

Собрани, гласовите на коалициите што не освоија пратенички мандат и бројот на неважечки гласачки ливчиња изнесува 89.445, односно бројот на пропаднати гласови е веднаш зад бројот на гласови што ги добија ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ.