Македонија Промовирана софтверската алатка „ПМ аларм” за прогноза на аерозагадувањето

Промовирана софтверската алатка „ПМ аларм” за прогноза на аерозагадувањето

Во рамки на активностите на „Планот за чист воздух за 2020 година“, денес на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје се одржа јавна презентација на софтверската алатка за прогноза на аерозагадувањето „ПМ аларм”, информираат од Министерството за животна средина и просторно планирање.

„ПМ аларм” e систем за прогноза на аерозагадувањето, развиен од научниците од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, Универзитетот во Виена – Австрија и Универзитетот во Сао Паоло – Бразил, поддржано од Министерството за животна средина и просторно планирање на Македонија. Апликацијата врши моделирање на аерозагадувањето со вклучување на временската прогноза и сѐ уште е во развој и во фаза на подобрување на визуелизацијата. Таа овозможува 4-дневна прогноза за загадувањето на воздухот на територијата на државата.

На настанот, покрај обраќањето на деканот на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) проф. д-р Иван Чорбев и презентациите на проф. д-р Боро Јакимовски, и проф д-р Владо Спиридонов, обраќање имаше и заменик министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули.

Апликацијата е достапна за сопствениците на iOS и Android уредите, но истата има и веб верзија (мапа) со временска оска, каде корисниците може да добијат визуелен приказ на загадувањето. Веб верзијата е достапна на aqf.finki.ukim.mk.