Македонија Промовиран Кодексот за однесување во онлајн просторот за време на изборни процеси...

Промовиран Кодексот за однесување во онлајн просторот за време на изборни процеси и референдуми

Претставникот на Фондацијата „Метаморфозис“, Филип Стојановски истакна дека Кодексот е компатибилен со другите тековни напори за унапредување на демократијата и информираноста на граѓаните во земјата, како што е Иницијативата за градење општествена отпорност кон штетните влијанија на дезинформациите

Фото: Министерство за информатичко општество и администрација

Агенцијата за аудио и аудивизуелни медиумски услуги (АВМУ) во коорганизација со ОБСЕ/ОДИХР денеска го промовираше Кодексот за однесување во онлајн просторот за време на изборни процеси и референдуми. Овој Кодекс е изготвен на иницијатива на АВМУ, во соработка со Здружението на новинари на Македонија, Македонскиот институт за медиуми, Советот за етика во медиумите, Институтот за комуникациски студии и Фондацијата Метаморфозис. Во процесот на изготвување е користена експертска помош од ОБСЕ/ОДИХР.

На денешниот настан во хотелот „Холидеј Ин“ беше презентиран начинот на функционирање и улогата на Координативното тело за следење на почитувањето на начелата и стандардите од Кодексот и веб страницата izborenkodeksonline.mk, која е наменски изработена во функција на запознавање на јавноста со Кодексот и работата на Координативното тело.

На промоцијата се обратија директорот на АВМУ Зоран Трајчевски, министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу, Амбасадорот на Мисијата на ОБСЕ H.E. Килиан Вал, Виторија Занелати и Владимир Мисев од ОДИХР.

Министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу истакна дека дигиталната трансформација носи многу придобивки, меѓу другото и во однос на брзината на ширење информации, па затоа мора да се почитуваат етичките и професионалните стандарди, вредности и норми, во корист на професионалноста.

„Онлајн медиумите се главен извор на информации за многу луѓе и денес тие играат важна улога во обликувањето на јавното мислење и ширењето информации. Затоа, почитувањето на вистината, одговорноста кон читателите, заштитата на изворите на информации и одговорното користење на технологијата се некои важни етички стандарди и норми кои мора да се следат за да се обезбеди професионални онлајн медиум. Покрај промовирањето на кодексот на однесување, подеднакво е важно да се обезбеди фер, отворен и безбеден изборен процес за сите гласачи“, рече министерот Алиу.

Директорот на АВМУ, Зоран Трајчевски посочи дека во процесот на неговото изготвување се користени искуствата и експертизата на ОБСЕ/ОДИХР.

„Дигиталното опкружување донесе нови трендови и бројни предизвици: нови тактики за политичко рекламирање, водење кампањи и финансирање, пласирање нецелосни, неточни или злонамерни информации. Се почесто на социјалните мрежи и генерално во онлајн просторот се користат форми на изразување што можат да поттикнат клима на нетрпеливост, омраза, насилство и дискриминација што беше причината за донесувањето на Кодексот“, изјави директорот на АВМУ Зоран Трајчевски.

Во текот на настанот, претставникот на Фондацијата „Метаморфозис“, Филип Стојановски, истакна дека Кодексот е компатибилен со другите тековни напори за унапредување на демократијата и информираноста на граѓаните во земјата, како што е Иницијативата за градење општествена отпорност кон штетните влијанија на дезинформациите преку инклузивен процес за креирање јавни политики и стратегија на национално ниво, заснован на препораки од граѓанскиот сектор кои се однесуваат и на политичките партии, медимите и на државните институции. 

Бардил Јашари; Извор на фотографија: АВМУ

Инаку, денешното промовирање на Кодексот за однесување во онлајн просторот за време на изборни процеси и референдуми следи откако претходно на 29 септември годинава беше потпишан Меморандумот за соработка помеѓу АВМУ, ЗНМ, МИМ, ИКС, СЕММ и Фондацијата Метаморфозис за следењето на начинот на однесување и постапување на повеќе чинители во онлајн просторот за време на изборни процеси и референдуми. Во име на Фондацијата Метаморфозис, овој меморандум го потпиша директорот Бардил Јашари.

Со потпишаниот Меморандум е разработен начинот на дејствување на Координативното тело за пријавување и постапување по претставки кои ќе се однесуваат на политичките партии, нивните кандидати, независните кандидати, интернет изданијата на радиодифузерите, онлајн медиумите, проверувачите на факти, инфлуенсерите и други субјекти кои можат да извршат влијание врз јавноста во функција на кампања за време на избори или референдуми.