Свет Балкан Промена на рутата, бегалците одат кон Албанија

Промена на рутата, бегалците одат кон Албанија

Група од 162 сириски бегалци пристигна во близина на грчко-албанската граница откако балканската рута што води низ Македонија и Србија беше целосно затворена.

Бегалците од грчкото пристаниште Пиреа стигнаа до селото Коница, кое се наоѓа на 12 километри од границата со Албанија.

Според пишувањата на медиумите, на бегалците на помош им пришле локалните власти, селаните и претставниците на Црвен крст, кои им обезбедиле храна, облека и ќебиња.

Албанската полиција ги зајакна контролите на границата со Грција, а предвидено е во наредните денови да ѝ се придружат и полициски стручњаци од Италија.

Италијанскиот министер за внатрешни работи, Анџелино Алфано, наредната недела ќе пристигне во Тирана за да разговара за техничките прашања поврзани со заедничките патроли долж грчко-албанската граница.

Официјална Тирана наведе дека е подготвена да го преземе својот дел од одговорноста во бегалската криза и додаде дека има ограничени капацитети за сместување на бегалците во нивниот транзит кон Северна Европа.