Свет Проектили паднале во близина на американски воен брод во Јемен

Проектили паднале во близина на американски воен брод во Јемен

Два проектили испукани од подрачје под контрола на бунтовниците во Јемен паднаа во близина на американски воен брод – разорувач во Црвено Море, соопшти денеска американската морнарица.

Во соопштението се наведува дека ниту еден американски морнар не е повреден и не е причинета штета на разорувачот „УСС Мејсон“, како и дека не е јасно дали бродот бил мета, иако ракетите биле истрелани вчера, во период од еден час, почнувајќи од 19 часот.

Во меѓувреме, движењето Хути ги отфрли тврдењата дека неговите сили извршиле ракетен напад на американски воен брод.

– Движењето Хути ги отфрла тврдењата дека гаѓало каков било брод во водите на Јемен – изјави претставник на организацијата.

Нападот следел откако беше истрелана балистичка ракета од Јемен, чија мета, наводно, била саудиска воздушна база во близина на Мека, што е најдлабок напад на шиитските бунтовници и на нивните сојузници во ова кралство.

Јеменските шиитски бунтовници, познати како Хути, и нивните сојузници не дадоа објаснување за нападите, иако следуваа по воздушните напади од 8 октомври, извршени на погреб во јеменскиот главен град Сана, при што беа убиени 140, а повредени 525 лица.