Економија Продолжува расправата за предлог-буџетот за 2017 година во матичната собраниска комисија

Продолжува расправата за предлог-буџетот за 2017 година во матичната собраниска комисија

На Комисијата за финансирање и буџет денеска е второто читање за предлог-буџетот за 2017 година, кој изнесува 3,3 милијарди евра. Предлог-буџетот за 2017 година на расправа во матичната собраниска комисија влезе на 28 септември и треба да се разгледува максимум десет дена.

Со овој предлог-буџет, вкупните приходи се планирани на ниво од 187,6 милијарди денари, што е за 7,6 отсто повеќе во однос на 2016 година. Вкупните расходи се на ниво од 206,22 милијарди денари или за 4,5 проценти повеќе во однос на годинава. Буџетскиот дефицит е предвиден да изнесува 3 проценти од домашниот бруто-производ, односно 18,6 милијарди денари.

Министерот за финансии, Кирил Миноски, во однос на предлог-буџетот за 2017 година изјави дека тој се базира на три основни постулати, а тоа се развој, кој се базира на високиот износ на капитални инвестиции, социјална заштита на најранливите категории граѓани и етапно намалување на буџетскито дефицит за да се постигне фискална консолидација на среден рок.

Според претседателот на собраниската Комисија за финансирање и буџет, Марјанчо Николов од СДСМ, и во 2017 година Владата со неразвоен буџет проектира нов дефицит и нови долгови од 305 милиони евра.

Предлог-буџетот за 2017 година, Владата до Собрание го достави на 20 септември и тој треба да се донесе до 12 октомври, кога најрано треба да се распушти Собранието заради изборите на 11 декември.