Подглавна секција Продолжува потрагата по исчезнатата подморница, потврдени „звуци на тропање“ во областа

Продолжува потрагата по исчезнатата подморница, потврдени „звуци на тропање“ во областа

Компанијата „OceanGate“ која ја организирала експедицијата потврди дека нејзиниот извршен директор Стоктон Раш се наоѓа во подморницата

фото: OceanGate

Истекува времето за петте патници на исчезнатата потопна подморница, откако повеќечасовната потрага и спасувачки акции досега не дадоа резултат. Врз основа на претходните проценки, во подморницата има кислород за помалку од 40 часа, пишува Би-би-си.

Операциите за пребарување досега опфатиле површина од речиси 20.000 квадратни километри. Портпаролот на американската крајбрежна стража рече дека потрагата била „многу сложена“, но дека експертите ќе сторат сè за да ја спасат подморницата.

Компанијата „OceanGate“ која ја организирала експедицијата потврди дека нејзиниот извршен директор Стоктон Раш се наоѓа во подморницата, јави Би-би-си.

Покрај него, во подморницата се наоѓаат уште четири лица, а меѓу нив и британскиот авантурист Хамиш Хардинг (58), кој претходно бил и во вселената, поранешниот нуркач на француската морнарица Пол-Хенри Наргеолет (77), британскиот бизнисмен Шахзада Давуд (48) кој е член на едно од најбогатите пакистански семејства и неговиот 19-годишен син Сулеман Давуд.

Мисијата за пребарување продолжува, при што Министерството за национална одбрана на Канада соопшти дека голем број бродови се на пат да се вклучат во потрагата, меѓу кои и брод на кралската канадска морнарица опремен со мобилна хипербарична комора, јави Гардијан.

Си-ен-ен утрово објави дека при потрагата со подводни сонари биле регистрирани „звуци на тропање“ од исчезнатата подморница. Американската крајбрежна стража на Твитер потврди дека канадскиот авион „P-3“ открил подводни звуци во областа за пребарување.

Подморницата „Титан“ се користи за истражување на остатоците од бродот „Титаник“. Експедициите вклучуваат археолози и морски биолози. Компанијата која ги организира експедициите носела и луѓе кои плаќале за да ги видат остатоците од овој брод.

„OceanGate“, која е со седиште во Вашингтон, патува до „Титаник“ од 2021 година.

Асошиејтед Прес објави дека компанијата постојано била предупредувана дека може да се појават катастрофални безбедносни проблеми од начинот на кој е развиена подморницата.