Свет Балкан Продолжува акцијата за релокација на бегалците од Идомени

Продолжува акцијата за релокација на бегалците од Идомени

Грчките власти втор ден продолжуваат со акцијата за релокација на бегалците од Идомени. Како што соопшти грчката полиција вчера од кампот во бегалски центри биле пренесени 2.031 лице и тоа 662 бегалци од Сирија, 1.273 Курди и 96 Језиди.

Вкупно 42 автобуси ги пренесоа бегалците од Идомени во седум различни бегалски центри во Солун, Кавала и Пиерија. При вчерашната акција немаше никакви инциденти, ниту проблеми. Единствено проблем предизвика одлуката на околу 100 бегалци да заминат од еден во центрите кај Солун и пешки да тргнат кон друг, објаснувајќи дека сакаат да се најдат со роднините и да бидат на исто место.

Акцијата продолжува и денес во ист ритам, под силно полициско обезбедување. На Идомени веќе чекаат подготвени автобуси за да се пренесат и останатите, над 6.000 бегалци кои се во Идомени.

Грчкиот весник „Етнос“ пренесува дека и во текот на вчерашниот ден околу Идомени пристигнувале нови бегалци, дојдени со информација дека границите ќе се отворат. Бегалците сега се сместуваат во помалите неформални кампови околу автопатот.

Според весникот, дел од луѓето кои знаат дека нема да добијат азил, бидејќи немаат статус на бегалци наводно во понеделникот вечерта, веднаш штом било најавено од полицијата дека Идомени ќе се празни и бегалците ќе се релоцираат, се спакувале и избегале во насока на селото Моин, кон кое пред два месеци преминаа над 1.000 бегалци во обид за илегално преминување на границата. Се работи за луѓе кои се плашат дека ќе бидат уапсени и депортирани.

Вчера во кампот освен на новинарите од грчките државни медиуми, не им беше дозволен пристап на другите. Против ова реагираа и новинарите, но и потпаролот на Нова Демократија, Јоргос Кумуцакос, кој ја обвини владата за цензура и повредување на слободата на медиумите.