Македонија Продолжи блокадата во Собранието со серија прекини, барања за паузи и за...

Продолжи блокадата во Собранието со серија прекини, барања за паузи и за извинувања

Шестата собраниска седница, на која како петта точка на дневниот ред треба да се расправа за предлогот на Владата за разрешување на јавниот обвинител Марко Зврлевски, претседателот на Собранието Талат Џафери ја прекина во 16.20 часот, откако пратеникот Димитар Стевананџија, претставувајќи се како координатор на една од десетте пратенички групи, побара пауза од 60 минути, а за тоа време народниот правобранител да им се извинел на пратениците.

Претходно извинување побара Зоран Илиоски, исто така велејќи дека народниот правобранител Иџет Мемети треба да им се извини на пратениците.

Пред да стави крај на денешното продолжение на шестата седница и да го закаже следното за утре во 11 часот, Џафери рече дека тоа што го прават пратениците на ВМРО-ДПМНЕ е очигледно злупотреба на актите и дека граѓаните лесно ќе сфатат што всушност се случува.

– Тоа е злопотреба, но јас немам намера да ве попречам, Деловникот го овозможува тоа, ќе добиете еден час пауза. Ќе потсетам, заради граѓаните, јас и претходно кажав дека намерата со десетте пратенички групи е нон-сенс и дека сакате да блокирате, но граѓаните нека одлучуваат. Ќе добиете пауза, оти сакате да блокирате, ја прекинувам седницата и таа ќе продолжи утре во 11 часот – рече Џафери, одговарајќи му на Стевананџија.