Македонија Продолжен рокот за 20 дена за понуди за изградба на автопатот Скопје...

Продолжен рокот за 20 дена за понуди за изградба на автопатот Скопје – Блаце

Фото: Архива на Мета.мк

Јавното претпријатие за државни патишта за 20 – тина дена го продолжи рокот за доставување понуди за изградба на првата фаза од автопатот Скопје – Блаце. Поради голем интерес за поднесување на понуди од компаниите, крајниот рок за нивното доставување е продолжен до 23 септември.

Од ЈП за државни патишта за „Мета.мк“ потенцираат дека постои интерес од домашни и странски компании да бидат изведувачи на првите 2 километри од целокупната траса, а до крајниот рок очекуваат доставување на пријави од повеќе градежни фирми.

Рокот за изведба на првата фаза од автопатот Скопје – Блаце е 18 месеци од денот на потпишувањето на договорот со избраниот изведувач. Целокупната тендерска постапка би можело да се заврши до крајот на годинава.

– Додека се гради првата делница, се планира да заврши проектирањето на втората делница, која е во фаза на проектирање и треба да заврши во вториот квартал 2020 година. Во меѓувреме, веднаш ќе се започне со тендерирање за градба, со што ќе има континуитет во изградбата – велат од ЈП за државни патишта.

Автопатот Скопје – Блаце ќе биде долг 12,5 километри и ќе се гради во две фази. Изградбата на проектот вреден околу 110 милиони евра треба да заврши во 2023 година.