Главна секција Приватниците до петок ќе чекаат исплата на долгот од ЈСП, во спротивно...

Приватниците до петок ќе чекаат исплата на долгот од ЈСП, во спротивно цело Скопје под блокада

Фото: Мета.мк

Посетата на германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер на Скопје доведе до тоа приватните превозници од „Слобода превоз“ и „Макекспрес“ да им остават дополнителен рок од два дена на ЈСП-Скопје и градските власти за да го исплатат наводниот долг што го имаат кон нив. Доколку од денеска до четврток не се постигне договор за исплата со Град Скопје и ЈСП, тогаш во петок приватните превозници со сите 200 автобуси најавија блокада на целиот град.

Превозниците засега не откриваат кои булевари и улици ќе бидат блокирани во петок, а вакви информации ќе обелоденат откако повторно ќе се сретнат и ќе одлучат какви чекори да преземат понатаму. Блокадата на раскрсницата кај „Мавровка“ во центарот на Скопје денеска е тргната. Сепак, „Слобода превоз“ има 131 автобус, а „Макекспрес“ 77 автобуси коишто можат да направат вистински сообраќаен хаос, доколку излезат да протестираат со сиот возен парк.

Советот на град Скопје вчера одржа седница која што не резултираше со решение за издвојување на средства од градскиот буџет за исплата на долгот од 1,5 милиони евра кон приватните превозници. Претходниот пат кога во октомври годинава штрајкуваа возачите од ЈСП-Скопје, градскиот совет донесе одлука да се пренаменат 133 милиони денари од градскиот буџет за исплата на плати во ова јавно претпријатие до крајот на годината.

Скопската градоначалничка Данела Арсовска вчера во градскиот совет им порача на приватните превозници на суд да си ги бараат парите и да поднесат тужба ако сметаат дека некој им должи.

„Си има суд и таму преку тужба ќе се докажува кој кому му должи. Ние немаме опомена од приватните превозници, ниту тужба. Така може да се реализира договорно право. Го поддржувам правото на протест, но единствените кои губат се граѓаните“, изјави градоначалничката Данела Арсовска.